Фото: Принтскрин

Полициски сили интервенираа утрово во центарот на Дрезден, главниот град на германската сојузна покраина Саксонија, поради „сомнеж за земање заложници“, соопшти локалната полиција.

Неколку медиуми, меѓу кои и „Билд“, објавија дека маж вооружен со пиштол се засолнил во продавница во трговски центар, откако пукал во просториите на радио-станица во градот.

Наводно, 40-годишниот напаѓач убил жена пред да се засолни во трговски центар, додава „Билд“, без да ја прецизира локацијата на убиството.

Германската полиција потоа соопшти дека заложничката криза во Дрезден завршила и дека двајца заложници се спасени. Германската полиција претходно соопшти дека во тек е заложничка криза и ги повика луѓето да ја избегнуваат областа во центарот на градот. Беше наведено и дека трговскиот центар и божиќниот пазар во близина се затворени.

– Се е чисто! Ситуацијата со заложниците во Дрезден е завршена – се наведува на твитер-профилот на германската полиција.

Како што јави „Дојче веле“, вооружен маж држел луѓе како заложници во трговски центар во Дрезден.

Претходно во текот на денот било пронајдено и телото на мајката на осомничениот.

Властите го уапсиле повредениот киднапер. Тие воспоставиле телефонски контакт со мажот откако тој се заклучил во јавна просторија во трговскиот центар, пишува Дојче веле.

Двајцата заложници се спасени неповредени.

Радио Дрезден претходно јави дека се пукало во зграда во близина на главната железничка станица.