Како беше збришана Хирошима

На 6 август во 1945 година за првпат во историјата било употребено атомско оружје. На тој ден била фрлена атомската бомба „малото момче“ врз јапонскиот град Хирошима, која уништила 80 отсто од градот и убила околу 200.000 луѓе. Од нив, половина загинале од експлозијата на атомската бомба, додека другите од последиците, изгореници и зрачење, во следните денови и месеци.
Бомбата со збогатен ураниум била фрлена од авионот „Б-29 супер тврдина“, кој полетал од островот Тиниан. Со авионот управувал полковникот Пол Тибетс, кој го нарекол авионот по неговата мајка – Енола Геј. По шестчасовен лет до Хирошима, бомбата била фрлена во 8.15 часот по локално време. Тибетс, кој се плашел дека авионот нема да го преживее ударниот бран по детонацијата на атомската бомба, подоцна изјавил дека градот исчезнал во облак од прашина. Инаку, Хирошима била избрана за цел бидејќи градот бил центар за снабдување на јапонската армија.
– Видовме бомбаш како фрли три падобрани. Два беа помали, а еден поголем. Поголемиот падобран експлодираше на 30 метри над земјата. Блесокот на светлината што се случи беше толку силен што можеше да ја осветли цела Англија во најтемната ноќ. Заедно со блицот дојде и топлината што ја гори кожата – опишал еден Британец, воен заробеник во логорот Хирошима.
Според него, четири минути по експлозијата се појавил облак во облик на печурка. На почетокот била светла, но подоцна почнала да ги менува боите – од зелена и крваво црвена до црна. Ударниот бран ги скршил дрвјата и ги уништил сите традиционални јапонски куќи направени од дрво и картон. Локомотивите биле фрлени на стотици метри од шините, а фабриката за челик на Мицубиши во центарот на градот била целосно стопена.
Тибетс станал славна личност по војната. Тој бил одликуван за неговите заслуги, учествувал во тестирањето на нуклеарното оружје, а во 1975 година изјавил дека е горд на својата улога и дека секоја вечер спиел мирно. Тој почина во 2007 година кога имаше 92 години. Според неговите желби, бил кремиран затоа што се плашел дека неговото гробно место може да го осквернават противниците на нуклеарното оружје. Неговата пепел е расфрлана над Ла Манш, над кој летал во Втората светска војна.