Арсениј Јовков во текот на својот живот се јавува како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година, заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште како „Македонија“, се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“. Исто така, тој е автор и на сценариото за играниот филм „Илинден“
Знаменитостите на Македонија
На денешен ден, 25 март 1884 година, е роден Арсениј Јовков, кој останува запаметен како македонски поет и публицист, општественик, револуционер, учесник во Илинденското востание, преведувач, филмолог. Јовков е првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио е снимен документарниот филм „Македонија во слики“ во 1923 година, а автор е и на сценариото за играниот филм „Илинден“. Редактор е на весниците „Илинден“, „Пирин“ и „20 јули“, а објавил и две поеми: „Проклетина“ и „Љуљебургас“. Во ракопис му се останати повеќе песни и поеми, меѓу кои романот во стихови „Илинден“. Како убеден заштитник на македонските особености истакнал: „Бугарскиот државен патриотизам и македонскиот патриотизам се две нешта, коишто не само што немаат ништо заедничко, туку се и сосема противречни.“
Син е на Атанас Јовков, кој долги години се бори против месните османлиски бегови, а негов вујко е писателот Војдан Чернодрински. Се школувал во Битолската гимназија во Битола и токму тука, околу 1900 година, започнал да пишува поезија. Непосредно пред Илинденското востание загинал неговиот татко, па уште како средношколец се вратил во Дебарско и влегол во Македонската револуционерна организација (МРО). Во 1903 година учествува во Илинденското востание како секретар на војводата Тасе Христов. Се бори во Дебарца, а по загинувањето на неговиот брат Нико Јовков, Арсениј станува војвода на неговата чета.
Арсениј Јовков по востанието емигрирал во Бугарија, каде што го основа и раководи Дебарското братство во Софија. Својата духовна сила тој ја посветува на творењето, на поезијата, но најмногу на новинарството. По 1921 година, Арсениј Јовков е еден од раководителите на Илинденската организација, основач и уредник на весникот „Илинден“ (1921 – 1923). Во весникот пишува воведни статии и други материјали против поделбата на Македонија. По забраната за излегување на весникот „Илинден“, весникот се преименува прво во „Пирин“ (1923 – 1924), а потоа во „20 јули“ (1924). Арсениј работи како редактор во новоименуваните весници на Илинденската организација.
Арсениј Јовков во текот на својот живот се јавува како литературен критичар, преведувач и филмолог. Во 1923 година, заедно со Георги Занков, по свое сценарио, Јовков го снима документарниот филм „Македонија во слики“. Во овој филм, кој се сретнува уште и како „Македонија“, се прикажани и снимки од пренесувањето на останките на Гоце Делчев во црквата „Света Недела“. Исто така, тој е автор и на сценариото за играниот филм „Илинден“.
По 1923 година, Арсениј Јовков решително се поставува на страната на македонската левица. Тој е еден од авторите на Меморандумот на Илинденската организација од 17 април 1924 година, со кој се протестира против прогонот на македонските дејци од страната на бугарската влада на Александар Цанков. Исто така, позитивно се однесува кон Мајскиот манифест од 1924 година и идејата за обединување на левите и десните македонски патриотски сили. Оттука тој прв во Бугарија го публикува Мајскиот манифест.
По убиството на Тодор Александров (31 август 1924), Арсениј Јовков ја напушта Софија и заминува за Македонија, но е убиен на 14 септември 1924 година во Горна Џумаја (Благоевград), Пиринска Македонија, од страна на приврзаниците на Ванчо Михајлов. Д.Ст.