Младата поетеса Ивана Јовановска учествуваше на Саемот на книгата во Лајпциг, Германија, кој се одржа од 21 до 24 март. Таа беше дел од настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“, кој се одржа во саботата.
Поетот Никола Маџиров ја претстави авторката, а во најавата за настанот на европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ се вели: „Наградуваниот поет Никола Маџиров ни ја претставува младата македонска поетеса Ивана Јовановска, чиишто дела се меѓу највозбудливите од она што современата македонска книжевна сцена го нуди. Маџиров ќе го претстави неговиот текст ’Крв и поезија на неприпаѓањето‘, кој неодамна беше објавен во списанието за литература и култура ’Зин унд форм‘“. Присутните на настанот можеа да ги слушнат нивните стихови на македонски и на германски јазик.
Саемот на книгата во Лајпциг е вториот по големина во Германија, по Саемот на книгата во Франкфурт, кој, пак, е најголемата манифестација од ваков вид во светот.
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Авторка е на стихозбирките „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ публикации) и „Номадски затвори“ (2023, ПНВ публикации). Учествувала на Поетска ноќ во Велестово, на „Отскочна даска“ во рамките на Скопскиот поетски фестивал и на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во социјалниот центар „Дуња“, како и на интернационалниот поетски фестивал „Лезеленц“ во Хаусах, Германија. Нејзините песни се често објавувани во периодиката и се преведени на германски, грчки и на англиски јазик. Членка е на европската поетска платформа „Версополис“.