„Овој Јаков, кого старите луѓе го нарекувале Праведен поради неговата извонредна доблест, бил првиот, како што ни кажува записот, што бил избран на епископскиот трон на ерусалимската црква“, Евзевиј
Еден од најпознатите, од оние што се споменуваат како браќа на Исус, е Јаков, познат и како апостолот Јаков Праведниот и брат Господов. Јаков бил водач на Ерусалимската црква во ранохристијанскиот период, а се верува дека бил маченик во 60-те години од нашата ера, кога бил каменуван до смрт. Јаков Праведниот е еден од седумдесеттемина апостоли. Со исклучок на Новиот завет, односно Апостолските дела и римскиот историчар од еврејско потекло Флавиј Јосип, постојат многу малку извори за неговиот живот.
Според Евзевиј, кој се повикува на Климент Александриски: „Овој Јаков, кого старите луѓе го нарекувале Праведен поради неговата извонредна доблест, бил првиот, како што ни кажува записот, што бил избран на епископскиот трон на ерусалимската црква“.
Ерусалимската црква била ранохристијанска заедница што се наоѓа во Ерусалим, по распнувањето на Исус. Како нејзини водачи се споменуваат Јаков и Петар. Доминантната улога имал Јаков, а тоа се потврдува во Новиот завет, поточно во Посланието до Галатјаните. Уште во раниот период, Јаков заедно со Петар бил главен водач на црквата во Ерусалим, а кога Петар го напуштил Ерусалим поради обидот за убиство од страна на јудејскиот крал Ирод Агрипа, Јаков бил главниот авторитет што заседавал со ерусалимскиот совет.
Во Посланијата на Апостол Павле, како и во Делата на апостолите, Јаков е претставен како особено значајна личност во еврејската христијанска заедница во Ерусалим. Кога Павле пристигнал во Ерусалим за да ги достави финансиските средства собрани од тамошните верници, Јаков инсистирал Павле ритуално да се исчисти во Иродовиот храм. Според Посланијата на Павле, Јаков е една од личностите пред кои воскреснатиот Христос се покажал, како и еден од столбовите на Црквата.
Во ранохристијанскиот период настанала дебата околу прашањето за неевреите, односно нивното вклучување во христијанската заедница. Според истражувачите, кои се повикуваат на Новиот завет, Јаков се спротивставил на погледите на Апостолот Павле. Антиохиската христијанска заедница ги испратила Павле и Варнава каде што требало да разговараат со претставниците на Ерусалимската црква. Особена улога во донесувањето на одлуката од страна на ерусалимскиот совет имал Јаков. Тогаш Црквата од Ерусалим му се спротивставила на Павле и побарала почитување на еврејските обичаи од страна на неевреите.
Јаков Праведниот го завршил својот живот како маченик. Римскиот историчар од еврејско потекло Флавиј Јосип во својата историја запишал дека Анан бен Анан бил избран за еврејски првосвештеник. Тој им припаѓал на садукеите, кои се одликувале со непопустливост и нефлексибилност во судењата кон престапниците, особено кон другите Евреи. Како првосвештеник, Анан ја искористил позицијата, го свикал Синедрионот да суди во Ерусалим и пред нив го довел „братот на Исус, наречен Христос, по име Јаков“ и некои други. Ги обвинил како прекршители на законот и биле каменувани.
Според Климент Александриски, Јаков бил фрлен од врвот на ерусалимскиот храм и бил претепан од смрт. Хегесип посочува дека, бидејќи Јаков го преживеал падот од храмот, насобраните започнале да го каменуваат, а на крајот го удирале со дрвени стапови поради што починал.
Католичката црква го слави Јаков на 3 мај, протестантите го слават на 23 октомври, а во Православието се слави на 26 декември.
Брат, полубрат или братучед
Во Новиот завет, поточно во Евангелието според Марко и Евангелието според Матеј се споменуваат Јаков, Јосиф, Јуда и Симеон како браќа на Исус Христос, а се споменуваат и негови неименувани сестри. Покрај во Новиот завет, тие се споменуваат и во историските извори, од кои најверодостојни се пишувањата на римскиот историчар од еврејско потекло Јосиф Флавиј. Постојат неколку видувања за нивната поврзаност со Исус. Според едно од видувањата, тие биле деца на Марија, позната како Богородица, и Јосиф, а според друго видување биле синови на Марија. Постои и трета опција, според која, тие биле деца на Јосиф од поранешен брак. Католичката црква ги отфрла овие видувања и вели дека тие не биле браќа, туку братучеди на Исус, а во православието тие се деца на Јосиф од претходниот брак.