Фото: Принтскрин

Обвинителството во Ново Мексико го промени обвинението против актерот-продуцент Алек Болдвин, односно се откажа од обвинувањата за употреба на огнено оружје, па сега на актерот ќе му се суди само за убиство од небрежност по фаталното пукање во камерманката Халина Хачинс на сетот на филмот „Rust“.

Претходно, на Болдвин му се закануваа минимум пет години затвор, но по промената сега тој може да добие максимални 18 месеци затвор. Американски медиуми пишуваат дека судот може да му изрече и поблага казна, дури и условна.

Адвокатите на актерот тврдат дека законот за огнено оружје, на кој се повикуваат обвинителите, не бил на сила во времето на трагичниот инцидент.

Според нив, окружниот обвинител на округот Санта Фе неправилно го обвинил актерот согласно верзијата на законот за огнено оружје во Ново Мексико што бил донесен неколку месеци по инцидентот во октомври 2021 година.

Овој потег ја намалува можната затворска казна за актерот со оглед на тоа што обвинение за убиство од небрежност предвидува задолжителна затворска казна од пет години.

Доколку бидат осудени, Алек Болдвин и Хана Гутиерез-Рид, оружарката на филмот, сега ќе се соочат со затворска казна до 18 месеци.

Хедер Бруер, портпаролка на окружниот обвинител на округот Санта Фе, рече дека обвинителството се решило на ваков чекор за да се избегнат дополнителни парнични одогловлекувања од страна на Болдвин и неговиот адвокати.

– Приоритет на обвинителството е обезбедување на правдата, а не обезбедување работни часови за адвокатите од големите градови – рече Бруер.

Според „Си-би-ес њуз“, ова вклучува олеснување на претходното обвинение против Хана Гутерез-Рид, оружарката на филмот, чија должност била да се грижи за оружјето и куршумите.

Болдвин и Гутерез-Рид минатиот месец беа обвинети по две точки од обвинението за убиство од небрежност и за употреба на огнено оружје. Болдвин е обвинет и дека не учествувал во обуката за ракување со огнено оружје на филмскиот сет. Имало и повеќекратни прекршувања на безбедносните правила и протоколи што резултирале со тоа на Болдвин да му биде дадено оружје со вистински куршуми.