Археолозите пронајдоа нов дел од т.н. кула од черепи во денешното Мексико Сити, а во минатото главна престолнина на моќната држава на Ацтеките позната како Теночтитлан. Досега истражувачите имаа откриено 484 черепи, а со новите истражувања бројката на пронајдените човечки черепи се искачи на вкупно 603.
Археолошките наоди се составен дел од кулата, при чија градба биле користени човечки черепи. Кулата е во рамките на еден од најзначајните религиозни објекти на Ацтеките и се наоѓа во центарот на денешното Мексико Сити. Кулата беше откриена во 2015 година при реставрација на зграда, а неодамна Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја соопшти дека биле откриени нови 119 човечки черепи.
Истражувачите веруваат дека черепите се составен дел од религиозен храм, кој му бил посветен на богот на сонцето и војната – Хуицилопочтли (главниот бог на Ацтеките). Досега археолозите идентификуваа три фази при изградбата на кулата, тие се одвивале во периодот помеѓу 1486-1502 година.

Првичното откритие ги изненади археолозите и историчарите бидејќи во минатото се верувало дека Ацтеките жртвувале млади машки воини. Меѓутоа т.н. кула од черепи покажува дека меѓу жртвите имало жени и деца. Наодите повторно го отворија прашањето за човечките жртви во ацтечкото општество.
Истражувачите не можат со сигурност да утврдат кои од жртвуваните биле воини, а за некои од нив се верува дека биле заробеници наменети за религиозните жртвени ритуали. Научниците велат дека сите жртвувани луѓе биле свети за Ацтеките и со нив постапувале како со подароци на боговите, дури и како персонификација на самите божества.
Во минатото постоеле слични структури, така на пример, кога шпанските војници предводени од Кортез ја освојувале престолнина на Ацтеките посведочиле на слични градби од черепи, кои предизвикале страв кај нив.


Теночтитлан – престолнина на Ацтеките

Ацтеките биле претколумбиски народ што живеел во централниот дел на денешната држава Мексико, во периодот помеѓу 14 и 16 век. Нивниот главен град Теночтитлан постепено се оформил во центар на моќна држава. Градот бил изграден на подигнат вештачки остров во езерото Тексоко. Денешниот град Мексико Сити е изграден врз урнатините на Теночтитлан.
Кога моќната држава на Ацтеките ја достигнала својата кулминација, Теночтитлан бил најголемиот град во претколумбиска Америка.
Во 1521 година, Кортес заедно со своите шпански војници и домородни сојузници го освојува Теночтитлан.