Во последните четири години, Марина Удгодскаја ги чистела канцелариите во зградата на локалната административна зграда во Повалихин, мало населено место во Русија, пренесува Би-би-си.

Сега, 35-годишната Удгодскаја ги фрла крпите за чистење за да се всели во канцеларијата на нејзиниот досегашен шеф Николај Локтев, откако го победила на изборите на почетокот на месецов.

Интересно е што Удгодскаја се кандидирала со цел да му помогне на Локтев повторно да биде избран. Кога никој во селото не се пријавил да му биде противкандидат на Локтев, кој е од владеачката партијата „Единствена Русија“, тој ја убедил Удгодскаја да се пријави како „ривал“ за да го обезбеди потребниот минимум од два кандидати.

Тој план пропаднал кога хигиеничарката го победила со освојување на повеќе гласови.

– Николај Локтев сметал дека никој нема да гласа за неа и тој ќе остане на таа функција. Но, имаше многу луѓе кои излегоа да гласаат и ја избраа Марина Удгодскаја – изјавил член на локалната изборна комисија во Повалихин.

„Тој беше збунет, а таа изненадена“ вели низ смеа жена од селото која разговараше со Би-би-си. Истата жена, која сакала да остане анонимна, тврдела дека лично го слушнала Локтев како ја моли хигиеничарката да му биде противкандидат.

Марина Удгодскаја била преплавена од повици откако нејзината изненадувачка победа станала една од главни вести во националните медиуми. Оттогаш престанала да одговара на телефон и се држи настрана од јавноста пред инаугурацијата што треба се одржи неделава. Но, во едно од првите интервјуа, таа изгледала запрепастена од победата, опишувајќи се себеси како „лажен“ кандидат кој не бил „подготвен“ за толку брза промоција.