Највисокиот суд во американската држава Пенсилванија ја преиначи осудителната пресуда против актерот и комичар Бил Козби за сексуално злоставување, јавуваат медиумите. Со ова се отвора простор Козби веднаш да биде пуштен од затвор, каде ги помина последните две години.

Судијата објасни дека одбраната на Козби имала договор со претходните обвинители, кој спречувал ново обвинение од друг обвинителски тим.

Актерот беше осуден на казна затвор од три до десет години, поради сексуалното злоставување на Андреа Констанд, поранешна службеничка која работела за женската кошаркарска екипа на универзитетот Темпл.

Козби (83) одлежи две години од казната, откако беше прогласен за виновен дека ја дрогирал и ја злоставувал Констанд во неговиот дом во предградие на Филаделфија во 2004 година. Тој беше првата позната личност судена и осудена во ерата на движењето „И јас исто така“.

Поранешната ѕвезда на серијата „Козби шоу“ беше уапсен во 2015 година, кога се појавија нови доказ што овозможија да биде покренато обвинение за тогаш 12 години стариот случај.