На Клиниката за урологија утрово започнале две трансплантации на бубрези од починат донор, по направената експлантација на органите која завршила во доцните ноќни часови, информираат од Министерството за здравство.

– Благодарение на хуманоста на семејството на донорот и нивната одлука да се донираат органите, двајца пациенти на дијализа добија шанса за нов живот – се наведува во соопштението.

Министерот за здравство, Венко Филипче, упатува неизмерна благодарност до храброто семејство кое, како што вели, покажало дека е возможно да се подари живот.

Ова е четврта по ред трансплантација од месец април до сега. Само во 2021 година се направени три трансплантации на срце и осум трансплантации на бубрези од починат донор.

Од ресорното министерство упатуваат благодарност до сите лекарски тимови кои се вклучени во оваа трансплантација, а на пациентите им посакакуваат брзо закрепнување по операциите.