Светската здравствена организација (СЗО) посочи дека пократкото работно време придонесува за одржување на здравјето на луѓето.
Според нивната студија, долгото работно време само во 2016 година предизвикало смрт на 745.000 луѓе. Тоа е пораст од 26 отсто во стапката на смртност од 2000 година.
Неделното работење подолго од 55 часа го зголемува ризикот од мозочен удар за 35 проценти, како и ризикот од срцеви заболувања за 17 проценти. Луѓето што починале од прекувремена работа биле на возраст од 60 до 79 години, а повеќето или 72 проценти од нив биле мажи.
Беше истакнато дека девет проценти од глобалното население се соочува со сериозен ризик по здравјето поради долгото работно време. Овој број се зголемува, а причината за тоа е пандемијата на коронавирусот.
Имено, работата од дома и намалениот број на работници предизвикаа голем притисок врз оние што беа вработени. СЗО ги повика властите да постапат на таков начин што законски ќе го регулираат прашањето за работното време, т.е. да го ограничат. Тие предлагаат работата да биде организирана така што работниците ќе бидат задоволни од неа.