Со убедливи докази експертите предупредуваат дека се заканува ново масовно изумирање на коралите. Истражувањето имало цел да ги спореди денешните корали со соодветните видови од минатото. Како шифрирана порака од минатото, податоците откриле застрашувачки паралели помеѓу судбината на денешните видови и оние што исчезнале со диносаурусите.

– Кога ги направивме компарациите и ги видовме резултатите, за мене тоа беше моментот кога ми се крена косата на главата, затоа што се покажа дека со коралите се случува истата работа што се случувала и порано пред да изумрат – вели морскиот биолог Дејвид Грубер од Универзитетот во Њујорк.
Коралните гребени, како место за собирање разни видови риби и други форми морски живот, се уништени од зголемувањето на температурите на океаните, предизвикани од климатските промени. Во последните 30 години исчезна повеќе од половина од вкупниот број на овие гребени во светот.

Во студијата објавена во списанието „Саентифик репортс“ се открива дека видовите корали што ја губат бојата и умираат се слични на видовите што исчезнале при последниот бран масовно изумирање на коралите пред 66 милиони години.
– Станува збор за многу паметно осмислена студија. Служејќи се со геолошкото минато, откриени се патокази што можат да ја предвидат иднината – вели Џејмс В. Портер, морски биолог од Универзитетот во Џорџија, кој не бил вклучен во истражувањето.

Црвената листа, на која се наоѓаат 839 загрозени видови корали, составена од Меѓународната унија за зачувување на природата, им служела на научниците како почетна точка за споредба.
Тимот од експерти го започнал истражувањето, идентификувајќи ги заедничките обележја на неколку вида корали што успеале да го преживеат последното големо истребување. Откритието до кое дошле, од една страна, покажува дека шарените брановидни корали, кои се меѓу најранливите видови корали, денес на многу начини потсетуваат на тие што изумреле. Од друга страна, денешните видови што продолжуваат да цветаат се оние што формираат мали колонии во длабоките води и претставуваат исти видови како оние што успеале да го преживеат бранот на истребување, пред милиони години.
– Коралите полека ги преземаат тие катастрофални карактеристики. Мислам дека тоа е моќна порака – вели Грубер, кој исто така е истражувач и во „Нешнл џиографик“