Долгоочекуваната серија „Слом“, со Никол Кидман и Хју Грант како гламурозна двојка од Њујорк, моментно се прикажува на Ејч-би-о, а потекнува од креаторот на серијата „Големи мали лаги“, Дејвид Е. Кели. Успехот на телевизиските стории на Кели лежи во фактот дека овој телевизиски сценарист претходно работел како адвокат, така што претежно сите негови серии, вклучувајќи ги и „Али Мекбил“, „Бостонски закон“ и „Практика“, се поврзани со добро осмислени судски постапки.
Само за неколку дена од нејзиното прикажување, серијата го достигна врвот на гледаноста, нѐ однесе во Њујорк на начин што многу потсетува на серијата „Сексот и градот“, во која истиот стриминг-сервис му ја додели од улогата „град што никогаш не спие“. Сепак, покрај гламурозниот живот, привлечните работни места и брендираната облека, приказната носи и едно ужасно злосторство и напната судска драма.
Премногу добро за да биде вистинито
Успешната психотерапевтка специјализирана за неуспешни бракови Грејс Фрејзер (Никол Кидман) и нејзиниот сопруг Џонатан (Хју Грант), инаку детски онколог, живеат во идиличен брак во кој имаат син (Ноа Џуп). Детето посетува елитно училиште, свири на виолина и веќе на 15-годишна возраст има своја кариера, додека неговите родители посетуваат елитни ресторани и живеат удобен живот каков што секој би посакал. Меѓутоа, токму таквото семејство е идеално за создавање психолошки ужас, бидејќи со големината на успехот и богатството доаѓа пропорционално поголема бездна во која ќе потонат кога работите ќе тргнат наопаку.

Само за еден момент, поради насилната смрт на жена чија глава буквално е смачкана од удари, сето тоа ќе го снема. Тоа ќе биде главата на Елена Алвез (Матилда де Анџелис), чие дете учи во истото училиште како и синот на Фрејзер, жена што ќе биде поврзана со Грејс преку непристојни ситуации.
Грејс го губи тлото под своите нозе, таа е осомничена за убиство, бидејќи улична камера за надзор ја снимила во близината на местото на злосторството, а нејзиниот сопруг исчезнува, како и сите оние заблуди во кои верувала. Ситуацијата дополнително се комплицира со фактот дека целиот случај го следи злонамерната јавност, желна за скандал, па Грејс мора да ги земе остатоците од сопствениот живот и да ги залепи сите парчиња заедно за да продолжи да живее. До крајот на серијата, со нетрпение ги чекаме расплетот и откривањето што всушност се случило и зошто.
Треба да се спомене дека во серијата се појавува и маестралниот актер Доналд Сатерленд. Легендата на американскиот филм се појавува во улогата на татко на главната хероина.
Приказната е базирана на романот на Џин Ханф Корелиц, „Требаше да знаеш“, а во режија на Сузан Биер. „Слом“ многу потсетува на заплетот на серијата „Големи мали лаги“, во која ликот на богата жена е фатен во интрига околу убиство, а кој исто така го глумеше Кидман. Втемелените опсесии, сексуални фрустрации и злосторства, сега доаѓаат во уште побогат социјален слој, кој генерално не вклучува фрустрирани домаќинки, туку оној слој што, покрај моќта заснована на пари, ја претставува и американската интелектуална елита.

Сè се одвива во прекрасниот декор на еден од најубавите и најинтересни градови во светот, поради што Њујорк се доживува како друг лик во серијата, како што беше и во многу филмови, меѓу кои и оние снимени во 1970-тите години, од „Кум“ преку „Таксист“ до популарниот „Супермен“.
Инаку, ова не е првпат Никол Кидман и Хју Грант да се сретнат на исти проекти. Тие се запознаа за време на подготовката на филмот „Всушност, љубов“, а Никол навистина ја сакаше и улогата во филмот „Нотинг Хил“, која по процената на продуцентите дека оваа актерка не е доволно талентирана, на крајот ѝ припадна на Џулија Робертс. Меѓутоа, „Слом“ е првиот проект во кој таа и Хју Грант имаат сложена актерска врска.
Субверзивното разбивање на митот за тоа дека парите носат среќа е фокусот на популарната култура во американското општество денес повеќе од кога било порано. Тоа се случува откако актуелниот американски претседател Доналд Трамп влезе во Белата куќа од деловниот свет, со манекенка под рака, со пластични хируршки зафати, преокупирана со најновите модни трендови.

Исто како Никол Кидман, која и покрај тоа што е одлична актерка, сепак мора да остане во чекор со барањата на денешната филмска индустрија во САД и да изгледа дваесет години помладо од својата биолошка возраст. Ботоксираните лица на екранот создаваат слика за свет во кој единствено е важно да се биде вечно млад и да се носат „добри парчиња облека“, додека сите традиционални вредности се отфрлаат, иако тие постојано нѐ потсетуваат дека, всушност, тие се темелот на нашата среќа.
Проектот „Слом“ е вистинско освежување во понудата на стриминг-сервисот, моментално придушен од бучавата од апокалиптични и агресивни серии, достоен за внимание и во исто време парадоксално релаксирачки и напнат повик за „будење“.