Францускиот моден бренд „Сен Лоран“ објави дека повеќе нема да се придржува кон календарот на модната индустријата во Париз, што би можело да биде преседан за модата во периодот по пандемијата. Дали ова е крајот на модната недела каква што ја знаеме досега, се прашува „Гардијан“.

Ваквата одлука се смета за прв чекор кон иднината на модната индустрија по пандемијата. Францускиот бренд веќе нема да се придржува до модниот календар на прикажување на колекциите двапати годишно, а наместо тоа, ќе креира свој.

– „Сен Лоран“ одлучи да ја преземе контролата врз својот ритам на работа и да го преобликува својот распоред. Таа ќе ги лансира своите колекции по план замислен со современа перспектива, водена од креативноста – се вели во соопштението на компанијата. “.

Што точно подразбира ваквата одлука, сè уште е нејасно. Во интервјуто за веб-страницата „Вименс вер дејли“, креативниот директор на „Сен Лоран“, Ентони Вакарело и извршната директорка Франческа Белетини, посочија дека сè уште може да има шоу на „Сен Лоран“ годинава – дури иако не е во распоредот на модната недела кој им е доделен. Тие посочија дека брендот сега може да се пресели во „форми кои се поинтимни и поблиску до крајниот клиент“. Ова може да вклучува дигитални емисии, повеќе специфични презентации за печатот и купувачите, како и таканаречените „транк ревии“ во хотелски соби, претежно за продавници пред облеката да се појави во јавност, настани прилагодени на општествените растојанија, каде што брендовите ги покажуваат своите колекции на помал број гости од големите клиенти.