Истражувачите од Институтот за регенеративна медицина во Питсбург успеале да произведат мултифункционален полимер со одлични и неверојатни својства. Станува збор за материјал што може да деконтаминира токсини од биолошко и од хемиско потекло опасни за човечкиот организам. Истражувањето го водел д-р Алан Расел, водечки истражувач во овој проект, а наедно и универзитетски професор по хирургија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Питсбург.

– Оружјето може да биде биолошко како вирусите или хемиско како нервниот отров, а во случај на напад, напаѓачот нема да најави преку медиумите со каков тип оружје ќе нападне. Од овој факт произлезе потребата за создавање и на еден единствен материјал што може да го неутрализира дејството и на биолошкото и на хемиското оружје, на брз и ефикасен начин за широка примена. Материјалот би требало да биде едноставен за користење, пренослив, но исто така не би требало да има негативно дејство врз околината. Создадениот полимер ги задоволува сите овие барањата – вели тој.

Д-р Расел и неговиот тим создале полимерско влакно што содржи ензими, кои излачуваат бром или јод, материјал што има антибактериско својство. Во текот на тестирањето материјалот успешно ги елиминирал бактериите с. ауреус и е. коли, кои припаѓаат на различни класи, а во тек на 24 часа 70 отсто бил неутрализиран нервен отров што ги инхибира виталните функции на организмот.