Од вчера во сите кина низ Македонија почна да се прикажува најгледаниот детски филм во Данска, „Кариран нинџа“, кој во нашите кина е синхронизиран на македонски и на албански јазик.

Анимираната филмска авантура за најмладите гледачи ја приредува продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните две години успешно ги прикажа детските филмови „Неверојатната приказна за џиновската круша“ и „Малиот гангстер“. Годинава го носи најпродаваниот анимиран филм во Данска.

Данскиот комичар Андерс Матесен, кој е и режисер на филмот, ги урна сите рекорди на гледаност со новиот анимиран филм за опседнатата карирана кукла. Со речиси еден милион продадени кинобилети, „Кариран нинџа“ влезе во историјата како еден од најпродаваните филмови во данските кина. Не само што Андерс Матесен направил филмски хит туку и песните од филмот се исто така хитови на данските музички листи. Една рап-песна од филмот на македонски преработи еден од рап-пионерите Ристо Солунчев („Чиста околина“). Песната на албански, пак, ја преработи албанскиот рапер Диамант Абази.

Приказната е за Алекс, ученик во седмо одделение, кој е вљубен во Џесика, ученичка во осмо одделение. Неговиот однос со полубратот Шон и очувот Џон е напнат.

Мангупот Глен од погорните одделенија ги малтретира Алекс и неговиот пријател Одисеј на училиште. Кога Стјуарт ќе се врати од патувањето во Тајланд, ќе му донесе специјален подарок нинџа-кукла направена од кариран материјал, која всушност е жива, односно е опседната со стар јапонски дух…

Во 2019 година филмот ја освои наградата за најдобар филм за деца и млади и за најдобро адаптирано сценарио на фестивалот „Роберт“, беше прогласен за најдобар дански филм на наградите „зулу“ и беше номиниран за најдобар филм за наградите „бодил“.