Премиерата на првата регионална серија во продукција на Ејч-би-о Европа, „Успех“, е закажана за 6 јануари, кога сите шест епизоди ќе бидат достапни за гледачите на Ејч-би-о го. Истиот ден, првата епизода ќе се емитува на каналот Ејч-би-о, во 20 часот. Секој недела во истиот термин ќе биде достапна нова епизода.

Истиот ден, серијата ќе има премиера во сите земји од регионот (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора), како и во Централна Европа, Скандинавија и Шпанија.

Сценариото за серијата „Успех“ во шест продолженија го напиша Марјан Алчевски, а режисер е оскаровецот Данис Тановиќ.

Извршни продуценти на серијата се Стив Метјус и Џонатан Јанг, надзорна продуцентка е Ема Тарнер, продуценти се Ана Балентовиќ, Небојша Тараба и Миодраг Сила.

– „Успех“ е повеќеслојна драма фокусирана на силни ликови. Тројца луѓе што не се познаваат ќе ги поврзе несреќен редослед на настани во моментот кога ќе се обидат да ѝ помогнат на една жртва на насилство. Со оглед дека последиците од нивните дела започнуваат да се вовлекуваат во секој аспект од нивните животи, тие обични луѓе со различно потекло одлучуваат повторно да воспостават контрола врз своите животи.

Станува збор за горчлива ода на градот Загреб, која донесува мрачен увид во различните структури на денешното општество, претставен низ животните приказни на обични луѓе што друштвото ги довело до работ. Иако на прв поглед е повеќе загрепска серија, „Успех“ е универзална приказна, во која преку љубовта, работата, семејството, верноста, несигурноста и злосторството ги истражуваме чувствата на фрустрација, беспомошност и пасивност во секојдневниот живот на обичниот човек во регионот и пошироко – информираат од Ејч-би-о Европа.

Во главните улоги ќе ги гледаме: Тони Гојановиќ, Тара Талер, Ива Михалиќ, Уликс Фехмиу и Марија Шкаричиќ. Во другите улоги настапуваат: Горан Богдан, Горан Навојец, Ивана Рошчиќ, Леон Лучев, Борут Веселко, Јасна Жалица, Мислав Чавајда, Никша Бутијер и др.

Ејч-би-о Европа продуцира квалитетни серии во Чешка, Романија, Полска и Унгарија уште од 2010 година. Во 2016 година продукцијата е проширена во Скандинавија и Шпанија, а од 2017 година и во регионот Адрија. Меѓу сериите се наоѓаат наградените: „Чопор“ од Полска, „Пустина“ од Чешка, „Златен живот“ од Унгарија, „Сенки“ од Романија и „Несогорливата капина“ од Чешка.