Легендарниот американски порно-могул Лари Флинт почина на 78-годишна возраст во болница во Лос Анџелес. Флинт е основач на магазинот „Хаслер“ кој ја популаризираше порнографијата. Флинт беше предмет на бројни контроверзи и судски тужби, но и  борец за слобода на говорот, пренесуваат светските медиуми.

Во 1978 година пред суд во Џорџија, Флинт беше застрелан од страна на десничарски екстремист, по објавување на фотографии на парови со различна боја на кожата. Оттогаш беше парализиран и во инвалидска количка.

Флинт, починал „од последици на ненадејна болест“ во болница во Лос Анџелес „мирно во сон“, во присуство на сопругата Лиз и ќерката Тереза, стои во соопштението за медиумите.

Флинт го основал магазинот „Хаслер“ во 1974 година, како поексплицитна конкуренција на еротските магазини од тоа време, како што е „Плејбој“. Кога само една година подоцна објавил фотографија поранешната прва дама на САД, Џеки Кенеди, како се сонча гола, тиражот значително се зголемил. Флинт со текот на годините создаде империја од неколку магазини, порнографски веб-страници, клубови и едно казино.