Канадската актерка и активистка за човекови права Ширли Даглас почина вчера на 86-годишна возраст, објавија светските медиуми повикувајќи се на соопштение на нејзиниот син, актерот Кифер Сатерленд.

Даглас почина од пневмонија, напиша Сатерленд на Твитер, прецизирајќи дека нејзината смрт не е поврзана со пандемијата на коронавирус.

„Мајка ми беше извонредна жена која водеше вонреден живот“, напиша Сатерленд, познат како агент Џек Бауер во ТВ-серијата „24“.

„За жал, таа веќе подолго време се бореше за своето здравје и ние како семејство знаевме дека ќе дојде овој ден “, напиша тој.

Актерската кариера Даглас ја помина помеѓу Канада и Холивуд, каде работеше со славни режисери меѓу кои Стенли Кјубрик и Дејвид Кроненберг.

Таа е исто така позната по кампањите за прогесивни каузи, вклучувајќи ги движењата за граѓански права и „Црните пантери“ во 1960-тите, а подоцна го бранеше системот на јавно здравство во Канада.

Даглас имаше три деца, две од нив – меѓу кои Кифер – со холивудскиот актер Доналд Сатерленд.