Тимот на Workbench Entertainment

Тимот на Workbench Entertainment од Македонија го најави излегувањето на својата прва игра Wounded. Проектот, кој го започнале во 2015 година, конечно ќе ја види светлината на денот во 2019 година.

Играта „Wounded“ е преживувачка хорор игра во прво лице која малку наликува на играта Outlast, која на почетокот им била инспирација. Играчот го управува главниот карактер Тим, татко кој е во потрага по својата исчезната ќерка во едно напуштено и мистериозно место. Полека, соочувајќи се со многу препреки, ги открива тајните „закопани“ под мотелот „Big Rock“.

– На почетокот идејата беше да направиме нешто кратко и едноставно од десет минути, а  како што минуваше времето се појави желба кај сите нас да пробаме и да направиме нешто повеќе.  Во Македонија развивањето на видео игри е речиси непостоечко, па желбата да бидеме први во нешто вакво продолжил да нè мотивира до самиот крај – вели Бојан Веселиновиќ од тимот на Workbench Entertainment.

Откако го извадиле демото за играта добиле неочекувани и неверојатни реакции од љубителите на хорор игрите низ целиот свет. Ни самите не очекувале дека токму нивната игра толку ќе им се допадне на голем број луѓе.

– Приказната не би била интересна ако не се соочевме со некои потешкотии. Јас и уште двајца од тимот се најдовме во ситуација каде што требаше да бираме помеѓу обврските од факултет или завршување на играта. Тоа не беше лесна одлука, но јас верувам дека доколку веруваш во тоа што го правиш, ќе успееш – објаснува Веселиновиќ.

Откако двете кампањи за донирање средства за креаирање на играта не успеале, тимот продолжил со проектот инспириран од позитивните коментари и поради позитивниот фидбек на Јутуб, каде нивните видеа од играта достигнале бројка од 20 милиони прегледи.

– Освен што сакаме да направиме квалитетен продукт, исто така сакаме и да ја подигнеме свеста во Македонија за гејминг индустријата и развивањето на видео игрите. „Wounded“ пристигнува на најголемата светска платформа за видео игри „Steam“ при крајот на февруари 2019 година – изјави Веселиновиќ.