Нурхан Лутвиоски може надолго и нашироко да ви зборува за овој занает, за златните времиња на часовничарството во 1970-тите и 1980-тите, кога во градот имало дваесетина часовничарски дуќани, но и за денешното време, кога во Кичево се останати само двајца мајстори

Нурхан Лутвиоски одлично го познаваат безмалку сите граѓани на Кичево и општината, бидејќи половина век е присутен во кичевската чаршија, најпрво како ученик, а потоа и како мајстор со свој часовничарски дуќан. Тој може надолго и нашироко да ви зборува за овој занает, за златните времиња на часовничарството во 1970-тите и 1980-тите години, кога во градот имало дваесетина часовничарски дуќани, но и за денешното време, кога во Кичево се останати само двајца мајстори, но прашање на време е кога и тие ќе престанат со работа.

– Со часовничарскиот занает почнав да се дружам пред околу 50 години, или поточно во далечната 1969 година, најпрво како ученик во Кичево и во Скопје, а потоа и како мајстор полни 44 години. Добро ги паметам златните времиња на овој занает, кога во градот бевме дваесетина часовничари и сите без исклучок работевме многу добро. Тогаш часовниците беа со посложен механизам и во случај на дефект ние бевме тука да ги поправиме или исчистиме од прашина и други нечистотии – се навраќа на времето од пред половина век мајстор Нурхан.

Тој со големо трпение и во детали зборува за овој занает и убавите времиња, но и за периодот од пред дваесетина години, кога големиот кинески увоз на секаков вид часовници ги оставил практично без работа.

– За жал, златните времиња на овој занает од поодамна се завршени, поточно од пред дваесетина години, кога земјава ја преплавија кинески часовници со сомнителен квалитет, но по доста пристапни цени, што беше решавачко овој занает да почне да еродира и секоја година во градот да се затвораат по неколку часовничарски дуќани, за на крајот да останеме само двајца, со крајно неизвесна иднина – додава мајсторот.
Тој посочува дека ни печалбарите не купуваат часовници како порано, ниту пак младите имаат желба да го продолжат овој занает.

– Покрај кинескиот увоз, и нашите гастарбајтери, кои се по потекло од овој крај а живеат во странство, сѐ поретко почнаа да купуваат часовници кај нас. Тоа го прават во земјите каде што живеат и работат и тоа беше дополнителна причина да се намалат обемот на работа и приходите, особено во периодот кога тие престојуваат во земјава во текот на летото и околу Нова година. Денес нашата работа е сведена на промена на батерии на часовници или промена на ремчиња, што ни оддалеку не е доволно за да се заработи за солиден живот. Откако увидоа дека профитабилноста од овој занает е мала а иднината неизвесна, младите воопшто не пројавуваат интерес да ја продолжат нашата традиција и се плашам дека за неколку години во градот ќе нема ниту еден часовничар, а на луѓето, како и на нас самите, ќе ни останат старите фотографии да нѐ потсетуваат на овој прекрасен и прецизен занает и спомените што сме ги доживеале изминатите години и децении, по многуте средби со муштериите од сите страни – вели мајстор Нурхан, разочаран што нема кој да го продолжи занаетот, кој се чини ќе ја доживее судбината и на другите занаети што изминативе години и децении исчезнаа како во Кичево така и низ целата држава, па и на Балканот.