Амбициозниот дизајнер Курт Странд претстави уште еден дизајн на суперјахта. Станува збор за концепт на јахта долга 161 метар наречена „Норвешка“, која наликува на долгите бродови и едрилици од времето на викинзите. Странд одлучи да ги „копира“ моќните едра и да создаде нивна модерна верзија, а крајниот резултат е суперјахтата „Норвешка“ со модерна технологија, која ќе ѝ овозможи да плови до сите делови на светот без да испушта штетни гасови.
– Едрата всушност ја фаќаат енергијата кога се движат, а потоа енергијата се складира во батерии. Оваа енергија може да се претвори во водород. Дури и без ветер или сонце, јахтата ќе плови благодарение на три мотори што можат да користат водород, течен природен гас, па дури и дизел – вели Странд.
Во идеални временски услови, суперјахтата ќе произведе повеќе чиста енергија отколку што троши, така што ќе може да складира енергија за периоди со лоши временски услови.
Суперјахтата ќе може да прими до 24 луѓе, а ќе има 12 кабини. Ќе има место и за 40 члена на екипажот. На неа ќе има и клуб, вежбалница, бања, базен, гаража за автомобили и кино. Иако е мала, на неа ќе има и минијатурна болница.
Во централниот дел на јахтата ќе има двокатно лоби и бар од кој гостите ќе уживаат во погледот. Исто така таа ќе има и единствен систем за контрола на пловењето за прецизно маневрирање, како и два странични стабилизатори, благодарение на кои пловењето ќе биде пријатно, и во плитки и во длабоки води.