НАСА обучи 13 нови астронаути да се подготват за мисиите на Месечината и Марс, како и првото слетување на жена на површината на Земјиниот сателит. Обуката започна во 2017 година, а пред неколку дена беше официјално завршена во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон. Групата се состои од шест жени и седум мажи, од кои две се членки на канадската вселенска агенција и се избрани од повеќе од 18.000 пријавени кандидати.

Во 2024 година, НАСА планира да испрати астронаути на Месечината, како дел од мисијата „Артемис“. Планот е да се организира по една слетувачка мисија на Месечината секоја година, додека експлоатацијата на руда би започнала кон средината на 2030 година.
За две години, кандидатите вежбаа вселенско одење, користејќи роботи и системи инсталирани на Меѓународната вселенска станица, а учеа и руски јазик, пренесе Ем-ес-ен (МСН).

Тринаесетте нови астронаути ќе ѝ се приклучат на групата од 48 активни, а НАСА планира да распише нов конкурс за обука напролет.
Во мисијата „Артемис“ ќе се користи најсовремена технологија, која ќе им овозможи на астронаутите да ја испитаат површината на Месечината на детален начин. Бидејќи мисијата ќе чини многу, меѓународните партнери на НАСА, исто така, ќе помогнат за експлоатацијата на површината на месечината да почне од 2028 година. Успешното слетување на Месечината ќе биде само придружна станица за понатамошно организирање на мисијата на Марс. Мисијата „Аполо“ беше организирана од 1968 до 1972 година, а за тоа време беа спроведени девет мисии со човечки екипи, од кои шест успешно слетаа на Месечината, со вкупно 12 астронаути.

Користењето на површината на Месечината за лансирање на вселенското летало до Марс ќе започне ново поглавје во патувањето низ вселената. Иако сè уште нема прецизен датум за организирање на мисијата на Марс, НАСА тврди дека новите астронаути се потенцијални кандидати за првиот чекор на Марс. Научниците велат дека мисијата би можела да се случи помеѓу 2030 и 2035 година. Тие се надеваат дека летовите кон Месечината ќе може да им обезбедат на луѓето вредни податоци за тоа како да се навикнат астронаутите да живеат во вселената и да го зачуваат здравјето, но и да ја унапредат технологијата потребна за нивно безбедно носење на Марс.