Средството за дезинфекција е делотворно и доста практично, доколку немате пристап до вода и сапун, а морате да ги измиете рацете. Според одредбите на американската Управа за храна и лекови од 2019 година, под средства за дезинфекција се подразбираат оние што како активна супстанција содржат етил алкохол, изопропил алкохол или бензал хлорид. Другите супстанции не се покажаа ефикасни при убивањето на микробите или за тоа нема доволно докази, пренесува сајтот „Лајв сајенс“.

Клучната состојка во повеќето производи е алкохолот. Во хемиска смисла, тој е органски молекул составен од јаглерод, кислород и водород. Етанолот е хемикалија што се наоѓа во алкохолните пијалаци и обично на неа мислиме кога зборуваме за алкохол. Пропанолот и изопропанолот (изопропилен алкохол) исто така се алкохоли и често се користат за дезинфекција, бидејќи лесно се раствораат во вода, како и етанолот.

Алкохолот ги уништува агенсите што предизвикуваат болести, односно патогените супстанции, така што ги разложува на протеини, ја преполовува клетката или ѝ го нарушува метаболизмот. Растворите со само 30 отсто алкохол донекаде се во состојба да ги уништат патогените супстанции, но содржината на алкохол што надминува 60 проценти убива широк спектар бактерии и вируси. Сепак, најефикасен е растворот што содржи 90-95 отсто алкохол.