Необична поларна светлина се појави на северот на Камчатка како последица на магнетна бура, соопшти Институтот за космофизичко истражување и ширење радиобранови, при Одделот за Далечниот Исток на Руската академија на науките.
– Во моментов над Земјата дејствува силна геомагнетна бура. Тоа е поврзано со емисијата на две коронални масовни експлозии што се случија на Сонцето на 2 ноември. Поларната светлина сега е видлива на северот на Камчатка – изјави водечкиот научен соработник на институтот, Сергеј Смирнов.
Тој вели дека зачестеноста на ваквите настани зависи од 11-от годишен циклус на сончевата активност. Според него, оваа појава нема никакво влијание врз луѓето.
– Многу е мал процентот на луѓе што можат да реагираат на вакви појави, но во некои земји, за време на силни магнетни бури, се откажуваат планираните операции на срце – додаде Смирнов.
Претходно беше објавено дека на Земјата започнала една од најголемите магнетни бури во последните неколку години, а нестабилноста на магнетното поле ќе трае уште најмалку два-три дена. Меѓу другото, оваа година се регистрирани и некои од најголемите поларни светлини досега.