Франција почна постапка за одземање на орденот на Харви Вајнстин, кој беше одликуван во 2012 година

На познатиот велосипедист Ленс Армстронг му беше одземен орденот, холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, исто така, ќе го загуби неговото одликување, додека сирискиот претседател Башар ал Асад, самиот го врати неговиот орден Легија на честа, пред Франција да му го одземе, пренесува „Њујорк тајмс“.

„Легијата на честа“ која претставува највисоко одликување на Франција, досега ја добиваа најценетите светски личности во најразлични подрачја, во културата, политиката, науката, војската, како и во спортот. Одликувањето вообичаено се доделува за „исклучителни достигнувања“ во одредено поле, но Франција понекогаш решава да го додели заради државните интереси.

Меѓу носителите, на пример, е и поранешниот лидер на Панама, Мануел Нориега, кој беше затворен поради финансиски криминал и нелегални активности поврзани со дрога.  За Ленс Армстронг беше докажано дека користел недозволени средства во текот на спортската кариера, а Вајнстин се соочи со бројни обвинувања за сексуално злоставување. Француската влада објави дека го почнала процесот за одземање на орденот на Вајнстин во октомври.

Филип Петен, пак, го доби орденот за заслугите во Првата светска војна, а потоа остана без почеста и беше затворен поради соработката со нацистите за време на Втората светска војна.

За да го избегне ризикот од осуда од страна на јавноста, Франција честопати не го доделува орденот јавно, односно информацијата за одликувањето се премолчува, дури и со години. Во такви случаи не се наведуваат ниту причините за доделувањето.

Французите го добиваат орденот поради заслуги кон државата, а странците поради дела, или залагање за вредности кои Франција ги поддржува. Но, на официјалната страница посветена на одликувањето, се наведува дека „државните посети служат и како повод за доделување на Легијата на честа на официјални лица, поради дипломатски реципроцитет, односно во согласност со целите на надворешната политика на Франција“. Француска гласноговорничка своевремено истакна оти орденот служи и за „одржување на односите помеѓу две држави“.

Почеста може да им биде укажана на најмногу 2.600 француски државјани годишно, со што тие стануваат членови на Редот на легијата, односно на 320 странци кои во тој случај не добиваат статус на членови на редот.

Легијата на честа, воспоставена од страна на Наполеон Бонапарта во 1802 година, досега беше доделена на повеќе од еден милион луѓе, додека се проценува оти има 93 илјади живи носители на одликувањето.