Британски математичар пресметал дека сите честички на коронавирусот што моментално циркулираат низ целиот свет лесно може да се вклопат во една конзерва од „кока-кола“. Покрај тоа, тој покажал и колкав проблем може да предизвика нешто толку мало.
Комбинирајќи ги светските податоци за бројот на новозаразени и процените за количеството на вирус по лице, математичарот Кит Јејтс од Универзитетот во Бат заклучил дека во светот има близу два квантилиони честички на коронавирусот.
Пресметувајќи ја големината на коронавирусот, во просек 100 нанометри, Јејтс потоа го пресметал и вкупниот волумен на вирусот.
Тој објаснува дека дури и кога ќе се земат предвид клинестите протеини на вирусот и фактот дека неговата тркалезна форма ќе остави простор помеѓу честичките, вкупниот волумен и понатаму е помал од конзервата „кока-кола“ од три децилитри.
– Неверојатно е кога ќе размислите дека сите проблеми, тешкотии и загуби на животи се резултат на нешто што се вклопува во две голтки – вели Јејтс.
Досега на глобално ниво речиси 107 милиони луѓе биле заразени со коронавирусот, а повеќе од 2,34 милиони починале како резултат на инфекцијата, пишува „Ројтерс“.