Старите македонски народни песни се постојана инспирација за музичарите. Деновиве неколкумина креативци, кои се сплотија заедно во групата „ЏезВез“ понудија обработка на старата народна песна „Каранфило филфило моме” во етно-џез манир. Порачуваат дека задржувањето на автентичноста на изворот, но и надградбата со нов призвук, за нив претставувало голема одговорност и ги поттикнало да создадат врвна музичка креација.

Во ова, за сите нас, тегобно време, кога сите гранки на уметноста се во молк, вистинско изненадување приреди оваа неочекувана консталација на веќе докажани музички уметници.

Никола Мицевски го направи новиот аранжман и свири на пијано, Оливер Јосифовски свири на контрабас, Дино Милосављевиќ на тапани, а Петар Христов на сопран саксофон. За извонредната вокалната изведба заслужни се: Ана Костова, Дани Димитровска и Сара Пројковска. Сите заедно создадоа едно прекрасно музичко доживување, како што велат, зачеток на нова приказна, која допрва ќе изненадува.

– Наша желба беше да не се заборави исконското, она што сме ние, во вистинска смисла на зборот, преточено во звукот на денешното време – вели Ана Костова.

За Сара Пројковска инспирацијата од нашето богато фолклорно и културно наследство е приказна без крај.

– Со овој уметнички израз во синергија е подигнување на вибрацијата на македонската музика како идентитет; како љубов, спознавање и еднување – вели Дани Димитровска за првата песна од овој проект.
„Аудио култура“ е просторот каде во живо е изведена оваа песна како прва од серијалот кој се планира, а продукцијата „Афтер“ стои зад видеопродукцијата.