Стогодишниот капетан Том Мур, кој собра 33 милиони фунти за да му помогне на британското здравсто, се разболе од коронавирусот и е пренесен во болница, соопшти неговата ќерка, пренесуваат медиумите.

Тој имал симптоми на пневмонија во последните неколку недели, а минатата недела доби позитивен резултат од тестот на ковид-19, објавила на Твитер неговата ќерка Хана Инграм Мур.

Според Инграм Мур нејзиниот татко не бил на интензивна нега.

Портпарол на семејството соопштил дека капетанот Том сè уште не ја примил вакцината ковид-19 поради терапијата што ја примил за пневмонија.

– Ја инспириравте целата нација и знам дека сите ви посакуваме целосно закрепнување – напишал британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер.

Воениот ветеран го привлече вниманието на светската јавност кога пешачеше 100 круга во својот двор пред неговиот стоти роденден, за време на првата забрана за движење во Велика Британија поради ковид-19.

Во јули минатата година, Кралицата Елизабета Втора му додели орден на витез.

Во декември, тој беше на семеен одмор на Барбадос, а „Бритиш ервејс“ го плати патувањето.

Не недостасува поддршка за Мур ниту на социјалните мрежи.

– Многу ни е жал што го слушнавме ова. Мислиме дека сме со вас и се надеваме дека капетанот Том ќе се опорави целосно и брзо – гласи пораката на твитер-профилот на англиската фудбалска репрезентација.

Британскиот министерот за здравство Мет Хенкок исто така испратил порака за „најдобри желби“.