Интервјуто бомба, како што многумина го нарекуваат, влезе во трка за наградата „еми“, во категоријата хостиран документарен серијал или посебна категорија.
Разговорот што Опра Винфри го водеше со војводата и војвотката од Сасекс беше емитуван на Си-би-ес во март. Хари и Меган не беа номинирани лично, туку Винфри и продуцентите на емисијата.
Интервјуто беше најавено како искрена исповед на Хари и Меган, кои јавно проговорија за своите искуства во монархијата. Преносот го следеле приближно 17,1 милиони гледачи и со денови беше тема на многубројни дискусии.
Војводата и војвотката од Сасекс открија детали за своето повлекување од кралските должности, затегнатите односи на Хари со татко си и безуспешните обиди на Меган да најде поддршка од кој било член на кралското семејство. Таа говореше и за наводен расизам во палатата и медиумите. Меган рече дека додека била бремена со своето првороденче Арчи, некои членови на кралското семејство стравувале за бојата на кожата на нејзиното идно дете.
Ова е 10-ти пат Опра да биде номинирана за „еми“, а во минатото има освоено три – во 1989, 1993 и во 2000 година.