На изложбата отворена во уметничкиот салон во Центарот за култура во Кичево се претставени творбите изработени на шестата Младинска керамичка работилница, која на почетокот на октомври се одржа во селото Вранештица, Кичевско. Учесници на оваа работилница беа средношколци од ОСУ „Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“ од Кичево и ДСУУД „Лазар Личеноски“ од Скопје.
Секој од учениците на оваа работилница имаше обврска да изработи три предмети од керамика, кои освен во Кичево, ќе бидат претставени и во главниот град, во салонот на државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, чии ученици беа дел од работилницата.
– Цел на овој проект е да придонесе за културна дисперзија и развој на руралните средини, а најмногу за опстанок на оваа автентична традиција. Тоа ќе овозможи и поголем економски и културен развој на општината и ќе ги поттикне и младите да останат тука, наместо да се селат во главниот град или во странство – истакнаа од Центарот за култура во Кичево.
Во Вранештица овој занает егзистира со векови и токму младите и талентирани керамичари ќе бидат наследници на овој прастар занает, чии почетоци датираат од времето од пред 5.000 години. З.А.