Анализа на „Бритиш журнал оф медицин“

Само од 30 до 40 минути умерена до интензивна физичка активност на ден е доволна за да се намалат здравствените ризици поврзани со предолгото седење за време на работењето. Познато е дека т.н. седечкиот начин на живот – со мала или никаква физичка активност – им штети и на менталното и на физичкото здравје. Покрај тоа што директно предизвикува различни болки, физичката неактивност е исто така еден од водечките фактори во светот за повеќето кардиоваскуларни болести и за дијабетес. Поради сево ова, предупредуваат лекарите, подолгите периоди на седење значително ги намалуваат придобивките од здравиот живот, дури и за оние што инаку се релативно активни.

Но добрата вест е дека сè уште постои начин да се ублажат можните последици од десет часа седење и пасивност. Имено, според анализата објавена во „Бритиш журнал оф медицин“, само од 30 до 40 минути умерена до интензивна физичка активност на ден ќе ги намали здравствените ризици поврзани со долгото седење. Ова го покажаа анализите на девет студии од четири различни земји во кои учествуваа вкупно 44.370 испитаници од машки и од женски пол, следени во период од четири до 14 и пол години. Сите студии го бележеле истото – како влијае физичка активност на здравјето и на смртноста на испитаниците, па секоја покажала дека дури и релативно кратката активност (споменатите 30-40 минути) може да ја компензира пасивноста.

А што се однесува до видот на активноста, експертите за фитнес се согласуваат дека сè додека сте активни, се движите и се потите, не е важно каква активност правите и дали претпочитате фитнес, танцување или повеќе сакате да го поминувате тоа време енергично играјќи со деца во градината. Во денови кога тренингот е невозможен, тие препорачуваат да се станува од стол на секои 20 до 30 минути за да се истегнат нозете.
– Направете неколку круга околу кујнската маса или вежбајте клекни-стани за време на паузата од работа – велат истражувачите.