Зеугма – градот што бил основан од македонскиот крал Селеук

Градот бил основан во 300 година пред нашата ера од Селеук Први Победникот – генерал, крал и наследник на Александар Македонски. Не е познато првото име на градот, но се претпоставува дека го носи името на неговиот основач – Селеукија. Се верува дека Селеук го основал градот на местото каде што го изградил првиот мост на реката Еуфрат. Во 64 година пред нашата ера, Римската Империја го освојува градот и оттогаш е познат под името Зеугма. Во римскиот период во градот живееле околу 70.000 жители и станал значаен трговски центар. Во 253 година од нашата ера градот бил разурнат од Сасанидите, подоцна бил обновен, но никогаш не ја вратил својата слава.  Засега во античкиот град се пронајдени хеленистичка агора, римска агора, две светилишта, театар, две бањи, римска воена база, станбени квартови, хеленистички и римски ѕидови и некрополи. Меѓутоа локалитетот е најпознат по мозаиците, за кои истражувачите велат дека се едни од најубавите од античкиот период. Античките убавини во Зеугма беа релативно непознати до 2000 година, кога тим археолози започнаа да го истражуваат локалитетот. Од 2012 година Зеугма е под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство. Во 2011 година беше отворен најголемиот музеј на светот во турскиот град Газиантеп, во кој беа сместени мозаиците од Зеугма.


Вулканот Коропуна

Вулканот Коропуна е лоциран на Андите во јужноамериканската држава Перу. Вулканот бил активен пред околу пет милиони години и поголемиот дел од денешниот конус настанал во текот на плиоценот и плеистоценот. Неговиот врв достигнува надморска височина од 6.377 метри. Вулканот Коропуна е покриен со дебел слој мраз, но од 2016 година ледената капа се повлекува и според некои истражувања ќе исчезне до 2045 година, а повлекувањето на глечерите може да предизвика недостиг од вода за илјадници луѓе. Во Коропуна се откриени голем број археолошки локалитети од времето на Инките, за кои Коропуна било свето место. Инките го изградиле највисокиот систем за наводнување во светот токму на Коропуна.


„Мека конструкција со варен грав“

„Мека конструкција со варен грав“ е уметничка слика од 1936 година на шпанскиот надреалист Салвадор Дали, на која се претставени ужасите од Шпанската граѓанска војна. Уметничката слика била завршена шест месеци пред почетокот на граѓанската војна. Салвадор Дали подоцна тврдел дека бил свесен за војната уште пред таа да започне и сликата ја претставувал како доказ за пророчката моќ на неговата потсвест.


„Саксонско огледало“

„Саксонското огледало“ е средновековен германски правен зборник, напишан во 1230 година од витезот и судија Ајке Фон Репгов. Книгата е една од најстарите и најзначајни правни книги во Светата Римска Империја. Влијаела врз развојот на германското законодавство и е ран пример за пишана проза на германски јазик. „Саксонското огледало“ е прв сеопфатен правен зборник, кој не е напишан на латински јазик, туку на средногермански јазик.


Castalius rasimon

Castalius rasimon е мала пеперутка од семејството Lycaenids, која потекнува од Индија. Пеперутката е распространета во Индија, Шри Ланка и во Бурма. Во Индонезија, може да се сретне во североисточниот дел на Суматра, источниот дел на Јава, како и на островите Бали, Тимор, Ветар, Кисар, Сумбава и Сулавеси. Во Индија, пеперутката се сретнува на југ од Хималаите, источна Индија, Асам и Андаманските Острови.