Нова студија
Новата студија во која се тврди дека загадувањето на воздухот предизвикано од согорување фосилни горива како јаглен и нафта во 2018 година на глобално ниво предизвикало дури 8,7 милиони смртни случаи (односно е причина за смрт на секое петто лице што починало) ги шокира научниците, но и јавноста.
Логично, најголем број смртни случаи предизвикани од вакво загадување на воздухот се забележани во земјите што најмногу ги користат фосилните горива. На пример, загадувањето на воздухот предизвика најмалку 10 проценти од смртните случаи во САД (13,1 проценти) и во Европа (16,8 проценти), а дури една третина од смртните случаи во Источна Азија, вклучувајќи ја и Кина.
Резултатите од истражувањето, кои покажаа дека ситуацијата е посериозна отколку што се мислеше, ги изненадија дури и научниците што работеа на тоа истражување. Првично, тврдат тие, се двоумеле кога добиле зачудувачки резултати (дека бројот на смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот е поголем од збирот на луѓе што годишно умираат од пушење и маларија), но потоа нурнале подлабоко и почнале да откриваат повеќе информации за вистинските последици од загадувањето.
Тие сега истакнуваат дека резултатите од истражувањето може дури и да ја потценат реалната скала на проблемот. Тие се занимаваа и со географската компонента. Во Кина откриле дека квалитетот на воздухот се подобрува, иако бројот на опасни честички е сѐ уште многу висок. Ситуацијата е нешто подобра и во САД, иако на североистокот од земјата ситуацијата е загрижувачка, додека Индија е „дефинитивно жариште“. Што се однесува до Европа, таму е „мешавина“.
Истражувањето е објавено во списанието „Енвајармнет рисрч“ и е резултат на соработка помеѓу експерти и научници од универзитетите „Харвард“, „Бирмингем“, „Лестер“ и колеџот „Лондон“.