По повод одбележувањето 30 години независност на државата ќе се одржи „Експо 30“, настан во организација на „Боттега ивенти“ и поддржан од страна на Владата. Настанот ќе се одржи на 16 и 17 септември во Музејот на современа уметност во надворешниот простор. Во фокусот на „Експо 30“ е македонската мода претставена преку премиерна проекција на документарен филм што нуди ретроспектива на македонската мода во првите 30 години независност и преку модни ревии на 10 македонски модни дизајнери, одбрани претставници од трите декади и групна модна ревија на три факултети за моден дизајн.
Македонската мода на овој настан денеска ќе ја претстават домашните модни креатори: Никола Ефтимов, „Лудус“, Росица Мршиќ, Евгенија Зафировска и Нела Тодоровска – „Маригуча“, а утре се ревиите на Лидија Георгиева, Силвија Михајловска – „Алшар“, Митко Занов, Јована Филиповиќ и Тања Кокев.
На заедничка ревија ќе се претстават и студентите по моден дизајн од три факултети, од Институтот за дизајн и инженеринг на облека од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет и Факултетот за текстил, дизајн и моделирање при Универзитетот „Мајка Тереза“. На „Експо 30“ ќе настапат и 11 македонски диџеи, прво како музичка подлога на модните ревии, а потоа и со сопствени диџеј-сетови ќе ги слушаме Зоки Бејбе, Бранчез, Флудер, Дела, диџеј Маци, Чваре, Соул Кејс, Узун Баба, Џон Антонио, Чедо и Соња Исмаил.
Ќе изложуваат и десет македонски компании што на посетителите ќе им ја пренесат својата приказна за своето работење во 30 години независност и ќе понудат дегустации на пијалаци и деликатесни производи.