Душица Капетановска од Скопје е млада дипломирана економистка со уметничка душа, за која не постојат граници кога станува збор за шминката и за танцувањето. Секогаш амбициозна и пријателски расположена, полна со големи дози хумор и смеа, Душица ни ги открива предизвиците и убавината на арт-мејкапот, кој претставува вештина за цртање слики по лицето и телото. Таа редовно објавува фотографии од нејзините мејкап-арт дела на Инстаграм

Колку долго се занимавате со арт-мејкап?

Сѐ почна од еден момент на досада некаде во 2013 година, но ми беше потребно време од една година за да ги претставам моите дела во јавноста. На почетокот цртав само апстрактна уметност на моето лице и тело. Повеќе претпочитам да цртам на лицето, а не да го разубавувам. И двата типа шминка си имаат своја убавина, тежина и техника која се разликуваат една од друга.

Што ве мотивира да ги креирате вашите дела?

Позитивните реакции од луѓето што го видоа мојот прв цртеж, кој беше маска на лице, направи искрата да се разгори во оган кој ми дава сила да го направам невозможното. Лицето и телото ми се платно на кое можам да нацртам безброј цртежи и тие да зборуваат наместо мене. За изработка на маските е потребно многу време, труд, трпение и мирна рака, а колку делото е потешко за изработка, толку повеќе ќе ми го привлече вниманието и ќе ме мотивира да го изработам во мој стил.

Колку време е потребно за изработка на едно ваше дело?

Никој не верува кога ќе слушне дека во просек се потребни три до четири часа за една маска на лице да биде завршена, секако, со паузи за протегнување и одмор. Седум часа континуирано цртање претставува мој личен рекорд. Цртањето за мене не претставува напор, туку напротив, ме релаксира.

Со какви бои се изработени маските?

За арт-мејкап користам бои за лице/тело кои не се штетни за кожата и се активираат со вода. Таквите бои многу брзо и лесно се отстрануваат со вода. За разлика од сенките за очи, на боите за лице/тело им е потребно подолго време да се исушат. Во спротивно не може да се работи со сенки врз нив. Сите продукти со кои работам прво ги тестирам на себе поради тоа што имам многу осетлива и надразлива кожа.

Која ваша маска ви е најдрага?

Изборот е тежок бидејќи секое дело ми е драго на свој посебен начин, со оглед на тоа што секој цртеж си има своја тежина и мотив. Со тешко срце ќе кажам дека омилено дело ми е 3Д-моделот исцртан на ногата. Подраги ми се „The Nun“, „Predator“, „Immortal Joe“ и „Darth Maul“.

Неодамна учествувавте на натпревар за најкреативна маска кој го организираше „Центар за обука ЕВА“ по повод Ноќта на вештерките. Како помина натпреварот?

Натпреварот се одвиваше на Фејсбук и Инстаграм, каде што учествував со три цртежи кои ми се значително драги и сум многу горда на нив. Имаше навистина добра конкуренција. Искрено не очекував дека ќе го освојам второто место и бев пријатно изненадена. Драго ми е што застанав рамо до рамо со толку талентирани уметници.

Дали ова е единствен начин на кој ја изразувате креативноста?

Секако дека не! Втор начин на кој ја изразувам мојата креативност е танцот. Кога им направив спој на шминката и танцот, во себе добив нешто неверојатно, во тие моменти се раѓаат чувства кои се непознати, а толку добри, што и тие почнуваат да танцуваат. Чувството да танцуваш под маска е најубавото нешто што некој може да го почувствува. Како што шминката ви дава слобода, така и танцот дава слобода на изразување каде што зборови не ви се потребни.

Кои се вашите понатамошни планови?

Во иднина сакам да продолжам да се надградувам, да учествувам на повеќе натпревари и најважно од сѐ, да го одржам мирот во себе.