Во просториите на „СОС-детско село“, во рамките на „Програмата за згрижување деца без родителска грижа“, викендов се одржа средба со Зоран Спасов-Sоф, авторот на романот „Тито, мојот претпоследен херој“, и претставници од „Арс ламина“, издавачката куќа што го објави ова дело. Повод беше донаторската кампања „Донирај и добиј книга“, која во ноември минатата година ја иницираа авторот на романот и издавачката куќа, со намера вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1.000 примероци), вклучувајќи ги и средствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС-детско село“.
– Од исклучителна важност е дека граѓаните и љубителите на книгата ја препознаа дополнителната хуманитарна вредност на ова дело и придонесоа во рекорден рок од еден месец да се продадат 1.000 книги и да се соберат 350.000 денари – велат од „Арс ламина“.

На средбата во просториите на „СОС-детско село“ донаторите ѝ предадоа чек со вредност од 350.000 денари на националната директорка Јулијана Накова-Гапо, а наедно имаа и можност да посетат една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата и со секојдневното функционирање.
Авторот на „Тито, мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов-Ѕоф, истакна дека е среќен што во „Арс ламина“ пронашол издавач со кој ја доработил книгата и со кој дели исти човечки и морални вредности.
– Затоа се одлучивме на овој чекор за приходот од продажбата да го донираме на оние на кои им е најпотребно, односно на децата од најранливите категории. Соработката нема да застане тука и се надевам дека ќе биде мотив за сите оние индивидуални донатори и правни лица да го следат овој пример – рече Спасов.