„Дали знае?“ е четвртиот сингл на скопскиот поп-рок состав „Фикшн“. Песната ги спојува елементите на поп-музиката од 1980-тите и 1990-тите со модерниот рок-звук. Музиката и текстот се на Виктор Захариев, додека зад аранжманот се потпишуваат сите членови на бендот. Зад аудиопродукцијата стојат Виктор Захариев и Виктор Георгиевски, кој е одговорен и за микс и мастер на песната. Спотот е составен од инсерти од секојдневието на бендот во изминатите години, и го монтираа момците од „Стеди флоу“.
Бендот го сочинуваат Петар Ѓуревски (вокал), Виктор Захариев (гитара, вокал), Филип Андонов (гитара) и Теодор Теодосиевски (тапани)
Велат дека „Фикшн“ пред сѐ е семејство, па бенд. Врз звукот на „Фикшн“ имаат извршено влијание артисти од многу различни жанрови.
– Голема улога во трасирањето на нашиот музички пат има гранџот, потоа алтернативниот рок од крајот на 1990-тите, хардрокот од 1970-тите и 1980-тите години, но и електронската и хипхоп-музиката, фанкот, соулот и блузот – велат од „Фикшн“.