Компанијата „Гугл“ ја претстави својата нова бесплатна апликација Гугл мит, која може да се користи за видеоконференции, откако успехот на апликацијата Зум ги натера „Мајкрософт“ и „Фејсбук“ да ја подобрат својата понуда на услуги за време на пандемијата на коронавирусот.
Оваа платформа за видеосостаноци во наредните недели постепено ќе биде достапна за пошироката јавност, а услов за користење е да имате профил на Гугл, односно „џи-меил“.

Гугл мит досега беше наменет за професионални корисници, а тоа се околу шест милиони фирми и организации, кои користат „џи-суит“.
– Ова е несомнено првпат „Гугл“ да им отвори на потрошувачите производ, кој првично беше наменет исклучиво за компаниите – изјави Хавиер Солтаро, шефот на „џи-суит“.
Како и другите платформи за видеоповици, употребата на апликацијата Гугл мит експлодира уште од март, поради воведувањето на мерките за изолација за борба против коронавирусот.

Сите компании што ги поставија овие апликации за видеоконференции инсистираат на безбедност, но со Зум имаше проблеми кога луѓе однадвор влегуваа на состаноци на кои не беа поканети.