Не би бил човекот, ако не е храната. Како се произведува таа и зошто треба да се промовираат традиционалните, автохтони вредности во земјоделството и кулинарството е идејата на новата емисија „Градината на Филип“, на Радио Пела, во рамките на новата програмска шема на мултимедијалниот медиум. Програмата „Радио што се гледа“, во терминот од 17 до 19 часот, започна со нови содржини, кои се емитуваат на три платформи: видеовеб-стриминг во живо на Фејсбук, на радиобрановите 96,8 ФМ и на интернет-радиото Пела.
Со тоа почна единствената емисија во живо во Македонија што се занимава со едукација во областа на градинарството, цвеќарството и одгледувањето домашни животни. Целта на „Градината на Филип“ е да го промовира домашното, традиционално и еколошко производство на храна, да понуди и да сподели рецепти за готвење, а наедно остава простор за гостување на различни современи производители на храна.
– Причината зошто оваа емисија се најде на програмската шема на Радио Пела е едноставна – да го разбудиме човечкото во нас: да научиме од каде доаѓа храната, како растат доматот, пиперката, јаболкото, да потсетиме цвеќето да добие навреме вода и храна, како се приготвуваат бабините рецепти, да не го заборавиме традиционалното и да научиме да ги почитуваме локалните производители – градинари, цвеќари, сточари, млекари – вели водителот на емисијата, Филип Димкоски, земјоделски инженер, поет и новинар, кој своите три професионални љубови ги спојува во новата емисија.