Во емисијата, низ 45-минутно патешествие, ја покажуваме трансформацијата на учесниците, следејќи ја нивната животна приказна и доловувајќи ги емоциите во текот на преобразбата, вели Снеже Велков

Серијалот „ВИП на еден ден“ ги прикажува судбините на луѓето што добиваат единствена можност да го променат својот физички изглед и да ја вратат смислата на својот живот, вели Снеже Велков, водителка и коавторка на оваа емисија, која неодамна почна да се прикажува на телевизија 24, а ќе трае до јуни. Се емитува еднаш неделно, во 19 часот, секоја среда, а репризата е во недела, во 15 часот.
Таа, со помош на соработниците, им помага на сите оние што живеат во тешки услови и се загрозени како материјално така и на други социјални нивоа.

– Животот никогаш не бил благонаклонет кон овие луѓе, па грижата за себе ја ставале на последното место. Ова се нивните приказни – моќни, тажни, уверливи, автентични стории што никого не оставаат рамнодушен. Нашите учесници се жртви на општествената неодговорност, на трагични настани случени во еден момент, жртви на безизлезноста и неподадената рака. Тоа се лица што заслужуваат втора животна шанса. Во емисијата, низ 45-минутно патешествие ја покажуваме нивната трансформација, следејќи ја нивната животна приказна и доловувајќи ги емоциите во текот на преобразбата. А на крајот ги добиваме трансформацијата и бескрајното задоволство од тоа дека сме направиле добро дело. Сме им овозможиле да се чувствуваат важно, корисно и со мисла дека почнуваат да чекорат во еден нов поубав свет – објаснува Велков.

Таа посочи дека сите што се заинтересирани можат да се пријават лично или нив да ги пријават нивни пријатели.

– Обично повеќе ја применуваат вторава опција, барем досега. Пријатели на учесниците ги пријавуваат и цело време се тука како нивна поддршка. Но ние имаме и една ВИП-поддршка, а тоа е јавен лик од македонската сцена (пејач, актер и слично), кој, пак, ја води учесничката низ процесот. Впрочем, така и ги израмнуваме на едно исто ниво. Нашата цел е да ја вратиме насмевката на лицата што ја загубиле некаде патем, низ животот, низ обврските и грижите. Да ја вратиме самодовербата што е загубена некаде во одразот во огледалото…

Одиме на забар, на офталмолог, на лекар, одбираме нови обувки и облека, посетуваме концерти и филмски проекции, татарски и оперски претстави, одиме во зоолошка… Подаруваме соодветни подароци од нашите соработници. Ние немаме спонзори, кај нас сите компании се третирани како општествено одговорни партнери, и горди сме на сите нив – открива Снеже Велков.

Таа со голем професионализам, но и со многу емоции, ни ги раскажува судбините на учесниците.

– Нивните животни приказни напати се тажни, но напати сосема охрабрувачки и инспиративни. Најчесто на сите им го поставувам прашањето дали се среќни и досега не сум добила негативен одговор. Скромни се во поимањето на среќата, па, така, ја опишуваат како: среќна сум што имам раце и нозе, што дишам, друга учесничка е среќна зошто има кому да му се радува секој ден, алудирајќи на децата, трета е среќна зашто оздравела. Од овие луѓе може да се научи многу – за скромноста, за доблеста, за непотклекнувањето пред судбината. Тие можеби се мали за општеството, но за нас се големи и важни – ни рече Снеже.