Полицијата во Дубаи уапсила момче за наводна кражба на многу вредна новородена камила, која планирал да и ја подари на неговата девојка за роденден, објави државниот весник на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), а пренесе „Асошијетед прес“.

Сопствениците на камилата пријавиле кражба од нивната фарма на почетокот месецов, по што полицијата во Дубаи ја пребарувала областа, но без успех. Неколку дена подоцна, полицијата добила повик од локален жител кој јавил дека камила залутала на неговата фарма.

Всушност, се јавил самиот крадец, при чие испрашување полицијата утврдила дека тој не ја кажува вистината. Осомничениот потоа признал дека упаднал на фармата на неговиот сосед за да украде ретка раса камила за неговата девојка. Тој решил да украде новородена камила, откако не успеал да се договори за нејзино купување, се вели во извештајот на полицијата. Всушност, момчето се јавило во полиција кога се загрижило дека ќе биде фатено.

Полицијата им ја вратила камилата на сопствениците и ги уапсила осомничениот и неговата девојка под обвинение за кражба и давање лажна изјава.

Поминати се деновите кога камилите биле суштински дел од животот во Дубаи, сега футуристички град преполн со облакодери на Персискиот Залив. Но, некои луѓе продолжуваат да одгледуваат камили за храна и млеко. Тркањето со камили останала престижна забава во ОАЕ. Повремено се одржуваат и избори за убавина на камили кои привлекуваат трговци подготвени да платат милиони долари за најценетите раси на камили.