Ана Здравкова: „Прикли“ е најтешкото отсликување кое досега сум го имала

Изложбата на цртежи од Ана Здравкова насловена „Прикли“ се одржа вчеравечер во „Социјален Центар Дуња“. Изложбата беше збогатена со перформанс во кој скопјанката ги пречека гостите на невообичаен начин. Седната во темнина, таа молчеше без да стапи во контакт со посетителите за време на изложбата. Потоа, во втората фаза од перформансот, таа ја напушти просторијата, за по кратко време симболично да се врати меѓу посетителите и со тоа да ја воспостави комуникацијата со нив.

Со овој перформанс, Ана им се извини на сите поради нејзината изолираност која била резултат на депресијата во која таа се наоѓала долг период. Таа воедно сакаше да посочи и дека тоа што ѝ се случило на неа, може да се случи секому, па никогаш не е доцна да се побара помош. По перформансот, Ана одговори на неколку прашања за „Нова Македонија“.

Зошто одбравте да ја наречете изложбата „Трнчиња“?
-Зборот, сам по себе, беше многу поинтересен отколку што очекував. Се приближуваше крајот на „Инктобер“ и таму „се запознавме“. Седнав да смислувам концепт за илустрација и го пребарав значењето на зборот. Имаше многу тешка и многу долга дефиниција, беше низа на негативни карактеристики и совршено се поклопи со некаков карактер што го развивав низ подолг период од мојот живот. Тоа беше карактер кој го игнорирав додека се развиваше, сè додека не дојде до еден момент да ме влече во бездна, да ме отцепува од останатите и да ме сведе само на набљудувач зад екран. Секоја конфронтација со нов карактер на хартијата е ослободување од некоја моментна состојба, секој цртеж е разбирање за себеси, учење на неговите карактеристики и пребродување на спомени. Овој карактер, Прикли, е досега најтешкото отсликување што сум го имала, ама благодарение на него почнав полека да застанувам цврсто на нозе и да продолжам понатаму.

Колкав беше временскиот период во кој ги креиравте Вашите дела? Со која цел  се создадени?
– Делата беа направени последните две години. Имаше еден куп цртежи, но овие решив да ги покажам бидејќи беа најсоодветни за изложбата. Немав конкретна цел. Цртам веќе со години. Цртам за секое дело да биде подобро во однос на претходното, за да си го увидам и препознаам прогресот. Можеби во иднина ќе стигнам до ниво што е соодветно за забавната индустрија и ќе работам за игри и стрипови, но за тоа има време.

Дали оваа изложба претставува лично ослободување или е на некој начин извинување упатено кон Вашите блиски?
– И двете. Сметам дека многу луѓе кои ми значат ги имав заборавено, а други комплетно ги отфрлив од мојот живот. На многу луѓе навистина им должев извинување, бидејќи несвесно ги бев повредила. Многу од тие луѓе не очекувам да ми простат, мое е да им дадам до знаење дека сум свесна за тоа и дека сакам минатото да го оставам каде што му е местото. Да се сеќавам на него, но никогаш да не се вратам во истото. Благодарение на личното извинување на изложбата, дојде до момент на лично ослободување. Полесно е справувањето со себеси кога останатите ќе ти дадат на знаење дека сè ќе биде во ред, дека разбираат низ што поминуваш и сакаат да ти помогнат тоа да го пребродиш.


Наш акцент: Фасадата на нашиот механизам создава меур што нè сокрива

Пливајќи во милион гласови, без да можете да го изговорите својот. Закоравува фасадата на нашиот механизам, во кој стотици завртки и запчаници кликаат без крај. А нашиот епицентар крахира. Двете половини се спојуваат во маската. Се создава меур што нè сокрива, изолира и задушува. Лушпа од космичко јајце кое секој миг додава уште еден слој. Балансирање сè поопасно и позанесувачко, милиметар по милиметар поблиску до работ и бездната. Со секој звук на нашето битисување, со секој клик на запчаниците, доаѓа до пробивањето на шилци и канџести крилја. Откако тие натежнати  те доведуваат до твојот лимит, нема повеќе простор во јајцето и лушпата се распрснува од вресок на супернова која го означува новиот почеток. Вивнат феникс подготвен за идните предизвици и свесен за својата моќ. Замав на златните крилја и ослободување од товарот. В.Т.