Во ова село направено од пластични шишиња има и затворска ќелија каде што можете да ја поминете ноќта и на тој начин „да платите за вашите злосторства против планетата“. Идејата е посетителите да разберат колку пластични шишиња всушност трошат и свесно да ја намалат употребата на пластика.
Во 2012 година, Канаѓанецот Роберт Безо се преселил во архипелагот Бокас дел Торо во Панама за да помогне во намалувањето на пластичниот отпад и негова рециклажа. За година и пол работејќи на овој проект, собрал околу милион пластични шишиња.
Безо одлучил да направи градежен материјал од ѓубре и да изгради еколошко село од пластични шишиња. Пластични шишиња се користеле и претходно за изградба на еколошки куќи, но овој амбициозен проект вклучува изградба на цело село на површина од околу 33 хектари.
За да се создаде еден објект, прво се прави челичен кафез, кој потоа се полни со пластични шишиња и на крајот се бетонира. Безо тврди дека пластиката е одличен изолатор и дека неговиот метод на градење е многу брз.
Трајноста на овие куќи е загарантирана, бидејќи на пластиката ѝ се потребни до 500 години за целосно распаѓање. Исто така, друга предност на овие куќи е нивната отпорност на земјотреси, бидејќи пластиката е исклучително силен, но флексибилен материјал.
Мотото на неговиот проект е: „Промени го светот без промена на планетата“. Првото екосело во светот чии куќи се изградени од пластични шишиња вклучува неколку згради – вклучувајќи го и најголемиот замок направен од пластични шишиња според Гинисовата книга на рекорди.
Пластичниот замок има четири ката, висок е 14 метри и е направен од 40.000 шишиња. Има четири соби, трпезарија, но исто така и поглед од врвот.
Во ова село има и затворска ќелија направена од 10.000 шишиња, во која можете да преспиете за 30 долари. Главната цел на поминатата ноќ овде е да се искупите за гревовите што ги имате направено врз животната средина, односно да сфатиме колку пластика трошиме и да ја намалиме употребата на овој материјал во секојдневниот живот.