Завршницата на скопскиот концерт ја обележија изведбите на антологиските песни „Aqualung“ и „Locomotive Breath“, кога се случи вистински музички земјотрес во СРЦ „Кале“, кој никого не го остави рамнодушен
Скопје завчеравечер беше дел од светската рокенрол-мапа. Легендарната британската рок-група „Џетро Тал“, во рамките на светската турнеја со која одбележува 50 години успешна кариера, на музичките сладокусци од цела Македонија им приреди ноќ за паметење.
Повеќе генерации рокери го наполнија СРЦ „Кале“ наострени во живо да ја слушнат музичката лектира со која растеле. Некои од нив дојдоа и со своите деца, со членовите на бендовите во кои членувале, со плочи на групата што ги чувале половина век. Беше вистинско задоволство да се видат нивните средби и сјајот во очите, како во младешките години, кога уживале во песните на бендот од Блекпул, кој никогаш не ѝ припаѓаше на комерцијалната сцена, но остави голема музичка трага, со 22 издадени албуми, многу синглови што ги освојувале првите места на светските топ-листи, кои сѐ уште се паметат.
Всушност, сите беа тука заради Јан Андерсон, кој е локомотивата на оваа рок-машина (самото име „Џетро Тал“ го означува токму тоа) и кој е единствен во групата од нејзините почетоци до денес. А во изминатите пет децении низ неа поминале точно 36 музичари.
Во текот на два часа, со пауза од петнаесетина минути помеѓу двата сета од дваесетина песни од целиот опус на групата, слушавме моќна, енергична, прецизна свирка.
Јан Андерсон, и покрај седумте децении што ги носи на плеќите, на сцената беше максимално подвижен, комуницирајќи со другите музичари, а најмногу со извонредниот гитарист Флориан Опале.
Ги видовме неговата луцидност и ексцентричност, стоењето на една нога исто така, уживавме во магичното свирење на неговата флејта, усна хармоника и гитара, но, за жал, неговата вокална изведба беше далеку од вонвременскиот звук, што на пример имале можност да го слушнат љубителите на бендот во Белград и во Загреб, каде што „Џетро Тал“ досега гостувал три-четири пати. Сепак, според бурните реакции на публиката, по секоја изведба, а можеа да се слушнат и извиците „браво, мајсторе“, тоа не беше пречка сите во салата да уживаат во песните, некои и да танцуваат и потпевнуваат и на крајот со долг аплауз да го наградат големиот музичар.
Интересно беше и тоа што од видеобимот, во форма на стар телевизор, повеќето од песните ги најавуваа поранешни членови на групата и пријатели и почитувачи на „Џетро Тал“, меѓу кои беа и бившиот басист Џефри Хамонд, првиот гитарист Мик Абрахамс, гитаристот Томи Иоми, клавијатуристот Џон Еван, Клод Нобс… Јан Андерсон нѐ потсети и на извонредниот тапанар Клајв Бункер. Вториот дел на концертот го најави Стив Харис, додека антологиската „Aqualungu“, која ја слушнавме претпоследна, ја најави Слеш.
Во првиот дел на концертот, кој исто како и претходните настапи во Загреб и во Белград, го организира продукцијата „Авалон“, најголемо воодушевување предизвика изведбата на песните „Bouree“, „My God“ и „Thick as a Brick“. Вториот дел, пак, беше многу поенергичен и побрз. На почетокот одекна „Too Old To Rock ’N’ Roll: Too Young to Die“, што сосема ја размрда публиката, која со нетрпение го очекуваше големото финале со најголемите хитови на групата.
Потоа маестрално со флејтата Јан се поигруваше во изведбата на „Songs From the Wood“ и „Ring Out Solstice Bells“. „Heavy Horses“ ја покажа компактноста на бендот, а беше изведена и песна од 16 век, верувале или не потпишана од Хенри Осми, со наслов „Pastime With Good Company“, позната и како „Кралска балада“, која уште еднаш нѐ потсети зошто Јан толку долго е присутен во врвот на светската музичка сцена, а за тоа време фотографии од сите периоди на бендот и делови од настапи се сменуваа на екранот.
Завршницата на концертот, која беше и негова кулминација, почна со звуците на „Aqualung“, според многумина, една од најдобрите рок-песни создадени досега. Се случи вистински музички земјотрес и звуците на ова антологиско дело никого не го оставија рамнодушен. Ова беше официјалниот крај на незаборавното музичко патување, а по громогласниот аплауз Јан и неговите музичари ја изведоа „Locomotive Breath“. Уште еднаш нѐ уверија дека годините не се пречка да создадеш магија на сцената и да допреш до публиката, ако имаш толку голем багаж, но и желба својата музичка приказна да продолжиш да ѝ ја раскажуваш на публиката, која едноставно е гладна за вакви вонсериски настани.