Познатиот американски глумец и режисер, Џорџ Клуни, своевремено им подарил по милион долари на неговите 14 најблиски пријатели. Во интервју за магазинот за мажи „Џи кју“, Клуни ја откри невообичаената причина за ваквиот подарок, пренесува Си-ен-ен.
Клуни сега е семеен човек, кој се држи настрана од големите екрани и се обидува да помине што е можно повеќе време со неговата сопруга Амал Клуни и со нивните деца. Но, пред да се посвети на семејниот живот, неговите блиски пријатели беа еден вид семејство за него, па се решил да им подари по милион долари.
По неговата улога во „Гравитација“, чија премиера беше во 2013 фодина, Клуни не очекуваше дека филмот ќе постигне толкава популарност, а наместо хонорар, тој се здобил со одреден процент од заработката на филмот.
Научно-фантастичниот филм сепак стана голем хит, а Клуни за него доби неколку милиони долари. Тој тогаш немаше семејство и не беше оженет. Така, наместо да ги сочува парите, тој се одлучи да им го подари на неговите најблиски пријатели.
– Си помислив, без нив не би имал ништо од ова. Навистина сме блиски, и си помислив, доколку некогаш ме прегази, да речеме, автобус, тие секако се во мојот тестамент. Зошто да чекам да се случи такво нешто – откри во интервјуто 59-годишниот Клуни.
Така, тој со старо комбе отишол до магацин во центарот на Лос Анџелес каде што биле складирани парите, го наполнил багажот со парите и ги викнал неговите пријатели кај него дома за да ги изненади.
– Ја држев картата од светот и им ги покажував сите места што ги посетив и сите работи што ги видов во мојот живот благодарение на нив. Ги прашав „како може човек да се оддолжи за такво нешто“, по што додадов „што велите за по еден милион долари“? – вели Клуни.
Во интервјуто, Клуни откри и како научил да глуми, сподели детали од несреќа за време на филмски сет кога низ неговиот нос истекла ‘рбетна течност, како и детали за сообраќајната несреќа со мотоцикл во која, за среќа, не се здобил со тешки повреди.