Исчезна мистериозниот метален монолит што пред 10 дена беше откриен во пустината Ред Рок во американската сојузна држава Јута, пренесуваат светските медиуми.
Бирото за управување со земјиште на Јута соопшти дека има кредибилни информации оти објектот е отстранет од непознат сторител. На фотографиите од локацијата објавени на социјалните мрежи се гледаат куп камења и парче метал оставени на местото каде што бил монолитот.
Металниот монолит започнал да привлекува луѓе откако 4 години бил незабележан во пустината Ред Рок во сојузната американска држава Јута.
Властите на Јута првпат го забележале чудниот објект на 18 ноември при рутински прелет со хеликоптер над пустината Ред Рок. Монолитот не се гледал на сателитските снимки од 2015 година, а се појавува во октомври 2016 година. Потеклото и значењето на монолитот остануваат непознати и многумина веруваат дека станува збор за концептуално уметничко дело, за кое никој досега не презел одговорност.
– Го посетивме местото во петокот попладне, а кога мој пријател се врати таму 24 часа подоцна, монолитот веќе го немаше – изјавил Рајан Бејчер, пилот на хеликоптер од Јута за локалната телевизија Кеј-ес-ел.
Во соопштението на Бирото за управување со земјиште на Јута се вели „дека тие не го отстраниле монолитот, бидејќи го третираат како приватна сопственост“.