Светската здравствена организација (СЗО) во мај 2019 година официјално вклучи ново нарушување во Меѓународната класификација на болести и сродни здравствени проблеми: нарушување како последица од играње видеоигри.
Ова нарушување се дефинира како прекумерна преокупација со видеоигри, што резултира со значителни лични, социјални, академски и професионални проблеми. Повеќе од две милијарди луѓе низ светот играат видеоигри секој ден
Статистичките податоци покажуваат дека од еден до 10 проценти од играчите имаат шанса да развијат тешка форма на опсесија. Генерално е почеста кај помладите мажи. Потребна е најмалку една година за човек да се ослободи од оваа зависност.
Индустријата за видеоигри продолжува забрзано да расте. На крајот на минатиот век, во 1999 година, бил остварен приход од 4,7 милијарди долари. Пред три години, индустријата регистрира приход од 131 милијарда долари. Според некои истражувања, во 2025 година оваа бројка може да достигне 300 милијарди долари. Некои од најпопуларните видеоигри во моментов се: „Кол оф дјути“, „НБА 2К20“, „Бордерлендс“, „Мортал комбат“ итн.
Официјалните податоци велат дека една личност поминува нешто повеќе од еден час на ден играјќи видеоигри. Меѓутоа, точноста на оваа информација треба да се доведе во прашање. Од практични примери, кои се насекаде околу нас, можеме да видиме дека многумина ѝ посветуваат на оваа активност речиси двоцифрени часови секој ден. Тие полека но сигурно почнуваат да се одделуваат од реалноста. Се појавуваат вознемиреност, депресија, дебелина, чувство на осаменост, проблеми со спиењето итн.
Студија спроведена од научници од универзитетскиот медицински центар „Хамбург-Епендорф“ и една германска компанија за здравствено осигурување покажала дека децата и тинејџерите во Германија минале 75 проценти повеќе време играјќи видеоигри за време на пандемијата отколку порано. Се очекува дека овој процент, за жал, ќе продолжи да се зголемува.
Пијават Харикун, седумнаесетгодишно момче од Тајланд, претрпе мозочен удар во 2019 година, по што почина. Лекарите откриле дека смртта била предизвикана од прекумерно поминување време пред компјутер. Не излегувал од просторијата неколку дена, па дури и заборавил да јаде. Неговите родители чувствуваат неопислива вина што не успеале да го спасат својот син. Многу од возрасните исто така се жртви на видеоигри. Триесетгодишник од Пекинг паднал во кома откако поминал три дена во интернет-клуб.