Втора година по ред, доделувањето на престижните награди „оскар“ ќе се одржи без водител или водителка. Ова за медиумите го потврди Кери Бурк, претседателка на компанијата „Еј-би-си ентертејмент“ .
„Еј-би-си“ повторно ќе ја емитува церемонијата, во согласност со долгогодишниот договор што го има со Академијата за филмска уметност и наука.
– Ќе ви потврдам сега, заедно со Академијата, дека годинава нема да имаме домаќин во традиционална смисла – рече Бурк, потенцирајќи дека ќе го повтори сето она што се покажа како успешно минатата година.
Таа додаде дека главната цел е да се скрати церемонијата на три часа.
Минатата година, доделувањето на наградите на Филмската академија помина без домаќин во последната минута. Церемонијата требаше да ја води Кевин Харт, но овој актер и комичар се повлече откако јавноста ги осуди неговите контроверзни твитови во кои тој изрази анти-геј чувства и користеше хомофобична терминологија, се вели во образложението. Академијата одлучи да не му најде замена и церемонијата за доделување на наградите помина без домаќин.