Денес белото знаме е меѓународно признаено како симбол на примирје или прекин на воените дејства, но и како подготвеност за почнување преговори. Белото знаме означува дека преговарачот што се доближува е невооружен и има намера да се предаде или да започне преговори. Следствено, врз лицата што веат бело знаме не смее да биде извршено насилство
Занимливости
Војниците со векови го користеле белото знаме за да го признаат поразот и за да му се предадат на непријателот. Во Европа првпат се споменува од римскиот историчар Ливиј, кој опишува картагински брод со бела волна и гранки од маслинки во текот на Втората пунска војна. Подоцна Такит, кога го опишува предавањето на силите на поразениот Вителиј во Втората битка кај Кременона, во 69 година од нашата ера, говори за употреба на белото знаме како симбол на капитулација.
Во претходниот период, римските легионери ги држеле штитовите над главата, како симбол на капитулација.
На Далечниот Исток, белото знаме првпат се појавува во хрониките на кинеската царска династија Хан во првите три века од нашата ера.
Во текот на средниот век, белото знаме било нашироко користено во Западна Европа како симболика за капитулација пред победничката армија. Не е јасно дали белото знаме како симбол на капитулацијата се раширило од Европа кон другите делови на светот, меѓутоа португалскиот хроничар Гаспар Кореира вели дека во 1502 година индискиот владетел на Каликут испратил преговарачи што носеле бела ткаенина врзана за стап, како знак на мирот, кај Васко де Гама.
Во 1625 година, во делото „За законот за војна и мир“ се вели дека белото знаме на бојното поле означувало подготвеност за започнување преговори од една од завојуваните страни.
Не е доволно разбирливо зошто е избрана белата боја како симбол за капитулација или започнување преговори, меѓутоа истражувачите веруваат дека белата боја била избрана затоа што многу лесно се препознава во екот на битката.
Некои од историчарите веруваат дека белата боја била вообичаена во антиката и можеби се работи за импровизација на војниците со материјалите што ги имале при рака. Во Кина, уште во античкиот период, белата боја се поврзува со смртта и жалоста, затоа некои истражувачи веруваат дека белото знаме било користено од кинеските војници за да ја искажат својата тага за поразот.
Денес белото знаме е меѓународно признаено како симбол на примирје или прекин на воените дејства, но и како подготвеност за започнување преговори.
Белото знаме означува дека преговарачот што се доближува е невооружен и има намера да се предаде или да започне преговори. Следствено, врз лицата што веат бело знаме не смее да биде извршено насилство.
Белото знаме првпат меѓународно било кодифицирано со Хашките конвенции од 1899 и 1907 година. Во Хашката конвенција од 1899 година, која се однесува за законите и обичаите на војната, се вели дека преговарач на бојното поле е она лице што го развејува белото знаме и тој има право на неповредливост.
Затоа извршувањето насилство врз лицата со бели знамиња во меѓународното право се третира као воено злосторство. Од друга страна, меѓународното право забранува злоупотреба на белото знаме како измама за да им се пријде на непријателите и ненадејно да се нападнат.